Author

TikTak

Published

August 13, 2023

No Comments

Join the Conversation

View

1066 Views

Португалскиот Леб и Сол

Каде и да се свртиш, каде и да отидеш низ ова оваа планоча ( кованица од планета и плоча, за да не ми замерат рамноземјашите) можеш да забележиш дека почетната матрица секаде е иста – луѓе на одредена територија, обичаи кои се горе се базираат на слични вредности и…. сè што следи потоа е резултат на развојот на едно општество. Велат Македонија и Португалија имале сличен менталитет, луѓето биле топли и приемчиви. Домашните експерти ми нацртаа така добра слика за Португалија што уште пред да стапнам тука, знаев што да очекувам и како ќе се одвиваат работите. Арно ама, старите рекле, 100 бабици, килав Петко.  Се она за кое домашните експерти ме предупредија падна во вода во првите 24 часа. Но затоа, во некоја друга прилика. Да се вратиме на почетоците и на матрицата. 

Една работа која многу ме изненади кога дојдов овде беше откритието дека Португалците имаат свој леб и сол, се вика manteiga na pao, и е едно обично парче леб со путер. Не, нè зборувам за групата Леб и Сол. Зборувам за скромната закуска која со години е симбол на Македонското страдање, немаштија, нечија туѓа кривица и синоним за патење, а секогаш со гордост им ја нудиме на странските делегации кога ќе дојдат во посета на нашата земја.  За разлика од кај нас, овде лепчето со путер е вкоренето во секоја пора на општеството и не е синоним за немаштија и патење.  Традиција која останала од којзнае кога, односно, најверојатно од времињата кога кило бифтек било поскапо од 12 евра или пак воопшто го немало, па освен бакаларот кој го има во изобилие, морало да се јаде и нешто друго. 

Додека кај нас сите се плашиме од времето кога ќе треба да јадеме леб и сол, и јадењето на истото го поврзуваме со сиромаштија, терор и репресија, овдека секое утро си го јадат како да е најнормална работа. Замисли, пред да одиш на работа да директоруваш у некое претпријатие, да земеш да јадеш леб и сол. Или, седиш на кафе состанок и ти носат две парчиња леб и сол. Ќе те изеде срам. На софра мора да има храна во вредност од барем 1500 денари.

 

Тука, не е така. Народ си шета по улица и си јаде лев со путер. Леб со путер е традиционален појадок кој се служи ама баш секаде и никој не се срами да го јаде. Си се држат до традицијата, наместо да се удираат во гради за традиционалните вредности а да гненат Бизони и друг дивеч.  Леб со путер се служи во кафулиња, во кафеани, во пекари, буквално секаде каде што може да се седне. А за да работите бидат уште по шокантни за мојот Македонски менталитет – замислете, овде има луѓе кои понекогаш лебот го јадат и без путер. И додека Македонската младина крка бурек, симит, сендвич од 7 или Чиа, овде средношколците шетаат по улица со парче леб. Која сиромаштија, ќе каже некој зајадлив. Ама, не сум баш сигурен, затоа што, наместо да бегаат од традицијата и да се маваат во гради, тие ја прифаќаат и си го живеат животот онака како што сакаат.


П.С Кога на гугл барав слика за Леб и Сол, ми се појавуаа само слики од бендон. За manteiga na pao има еден куп слики. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *